close

  • Faithful to my Homeland, the Republic of Poland

     

  • ПОЛИТИЧКИ СИСТЕМ

  • ПОЛИТИЧКИ СИСТЕМ

     

    Република Полска е држава со републиканско уредување, во која власта потекнува од граѓаните. Полска е парламентарна демократија, што значи дека сите државјани можат активно да учествуваат во владеењето со државата, имаат уставно загарантирано влијание на судбината на државата и имаат еднакви права.

    Полскиот политички систем е составен од државните институции, политичките партии и правото (Уставот на РП, законите и извршните акти).

    Во Полска владеењето се реализира преку парламентарно-кабинетски систем. Власта е традиционално поделена на законодавната власт (реализирана од страна на Сејмот[1], Сенатот[2] и во одреден степен Уставниот Трибунал), извршната (Претседателот, Премиерот и Советот на Министри) и судската (независен судски систем - општи судови, администрациски судови и воени судови).

    Сите наведени елементи на полскиот политички систем соработуваат меѓу себе. На општите парламентарни избори општеството ги избира своите претставници, кои во главна мерка се поврзани со политичките партии. Овие последните, во зависност од добиените гласови, заземаат места во Сејмот и Сенатот.

    Устав на Република Полска

    Уставот на РП е најважниот полски правен акт и претставува основа на уредувањето на полската држава. Го гарантира правото и граѓанските слободи, ги одредува меѓусебните односи меѓу законодавната, извршната и судската власт, ја одредува формата и начинот на избор на најважните државни институции, како што се Сејмот, Сенатот, Претседателот и Советот на Министри, има директно влијание врз формата на правосудниот систем, локалната самоуправа и органите задолжени за државна контрола. Ги регулира активностите поврзани со организацијата на владината администрација, јавните финансии и вонредните состојби.

    Полска е предвесник на европската уставност. Во 1791 година Сејмот на Републиката на Двата Народи[3] го усвои првиот Устав на Стариот Континент, подоцна наречен како Устав од Трети Мај.

    Актуелниот Устав на Република Полска, усвоен од страна на Народното Собрание (на заедничка седница на Сејмот и Сенатот), на 2 април 1997 година, беше прифатен од страна на Народот за време на уставниот референдум, на 25 мај истата година. Уставот беше потпишан од страна на Претседателот на РП Александер Квашњевски на 16 јули 1997 година, а влезе во сила на 17 октомври 1997 година и од тој ден обврзува.

    Претходно обврзувачки беше таканеречениот Мал (привремен) Устав, со кој беа променети најважните заложби на сталинистичкиот основен закон од 1952 година и овозможи легално функционирање на полската држава во периодот 1990-1997.

    Уставот на Република Полска го гарантира почитувањето на сите граѓански права, кои се сметаат за стандард во секоја правна демократска држава - слободата и неприкосновеноста на поединецот, неприкосновеноста на домашниот мир, слободата на совеста и вероисповедта, правото за праведно судење (според принципот за претпоставка на невиноста) и правната заштита на животот.

    Уставот исто така ги гарантира: слободата и заштитата на тајноста на меѓусебното комуницирање, слободата на изразување на своите погледи, слободата на изразување, слободата за групирање и организирањето мирни собири, учеството во јавната служба, изборот на власта на Република Полска и целосното информирање за дејствувањето на органите на јавната власт.

    Уставот исто така го заштитува правото на сопственоста и правото на наследство, правото на избор и извршување на професијата, правото за безбедни услови за работа, ја гарантира минималната плата, заштитата на здравјето и загарантираните социјални пакети, како и правото на образование (образованието до 18 годишна возраст е обврзувачка). Уставот ја гарантира и слободата на артистичкото творештво, научните истражувања, слободата за учење и користење од културните добра.

    Уставот на РП предвидува посебна заштита на доброто на семејството и правата на детето.

    На полските државјани им налага обврски кон државата. Основна обврска е верноста кон Република Полска и грижата за општественото добро. Надлежни за контрола на исполнувањето на уставните одредби се сите државни органи, но посебна улога во овој процес има специјалниот суд - Уставниот Трибунал, што беше создаден со задача да ја истражува усогласеноста на правото со Уставот. Секој државјанин има право до Уставниот Трибунал да поднесува барања за преиспитување на уставноста на одредени правни акти.

    Сејм и Сенат - полскиот парламент

    Парламентот во Полска се состои од две законодавни тела. Првото тело е Сејмот - долниот законодавен дом, а второто е Сенатот - горниот законодавен дом. Во Сејмот има 460 пратеници, а во Сенатот 100 сенатори. 

    За пратеник може да биде избран секој полски државјанин, кој ги ужива сите јавни права, а на денот на изборите има полни 21 години. За да некој биде избран за сенатор треба да има 30 години.

    Пратениците се претставници на своите изборни единици, во кои го добиле пратеничкиот мандат. Границите на изборните единици во главно се еквивалентни со границите на околијата или на неколку околии. Во големите градски агломерации изборните единици опфаќаат административни територии, што се помали од околијата (општини или населби).

    За време на гласањето во парламентот ниту пратениците, ниту пак сенаторите, не се обврзани да ги извршуваат инструкциите на своите избирачи, меѓутоа имаат уставна обврска да се раководат со општото добро на Републиката.

    Полскиот политички систем се базира на партискиот систем. Затоа подеднакво, како за време на парламентарните, така и на локалните избори (но и на претседателските) поголеми шанси имаат оние кандидати, кои се поддржувани од поголема политичка партија. Пратениците од иста политичка партија во Сејмот и Сенатот создаваат свои парламентарни групи. Токму во наведените парламентарни групи се создаваат проектите на законите и нивните измени (усовршувања), затоа што единствено големите групи на пратеници имаат можност да предложат нови законски решенија како точки за расправа на Сејмот.

    Пратениците учествуваат на седниците на Сејмот, имаат право да поставуваат прашања и пратенички интерпелации за членовите на  Советот на Министри. Парламентарците заседаваат во бројни комисии (постојани и анкетни), кои се создадени со цел разгледување на различни видови прашања од областа на администрирање со државата и јавниот живот, во комисиите во Сејмот и во комисиите на Сенатот.

    Во комисиите исто така се дискутира околу проекти на нови законодавни решенија (гласањето за нацрт - законите во комисиите во Сејмот претставува неопходна етапа на законодавниот процес, чиј резултат е усвојување на ново право, обврзувачко за сите државјани на Републиката).

    Легислативниот процес започнува со ткн. претставување на новиот предлог-закон до Маршалекот (претседателот) на Парламентот (ова право го имаат Владата, Претседателот, Сенатот и пратениците или група од 100.000 граѓани). По првото читање во Сејмот проект-законот или се отфрла или се доставува до комисијата, а по нанесувањето на исправките се испраќа на второ читање во Сејмот. Пратениците по второто разгледување и следните предложени исправки конечно гласаат за проект-законот (ткн. трето читање). Доколку резултатот од гласањето е позитивен, проект-законот се праќа во Сенатот. Сенатот дава мислење за проект-законот и ги нанесува евентуалните корекции. Во продолжение проектот се враќа во Сејмот, кој може да ги прими или да ги отфрли корекциите од Сенатот. По одлуката на Сејмот проект-законот се испраќа на Претседателот кој може да го потпише, да го испрати до Уставниот Трибунал или да го искористи правото на вето. Одлуките на Уставниот Трибунал се конечни. Претседателското вето може да биде одбиено со 3/5 гласови на пратениците, при присуство на најмалку половина од нивниот вкупен број. Доколку така се случи, Претседателот е обврзан да го потпише законот. Законот влегува во сила на денот на неговото објавување во Службен весник (освен ако пратениците не предвиделе ткн. vacatio legis, односно одреден период потребен за промена на правниот поредок).

    Полскиот парламент, пред се, ја исполнува функцијата за креирање на правото, создавајќи го правото кое е обврзувачко за сите полски државјани. Сејмот го создава правото преку усвојување закони, правни акти од највисок ранг, што се на само малку пониско ниво од Уставот. Во законите Сејмот може да му даде овластување на Претседателот на Советот на Министри да издава детални подзаконски акти кои го регулираат и најмалите работи од јавниот живот.

    Пратениците и сенаторите се заштитени со имунитет, што значи, дека за време на исполнувањето на својата функција, не можат да бидат уапсени, обвинети, судени и осудени без согласност на Сејмот (или во случајот со сенаторите - Сенатот).

    Пратениците имаат директно влијание врз активностите на извршната власт. Функционирањето на кабинетот, што ја изгубил поддршката на мнозинството во Сејмот, во мошне брзо време може да се покаже како невозможно. Најважните одредби околу изборот на Владата се детално опишани во член 154 од Уставот.

    Едно од најважните права на Сејмот е усвојувањето на буџетот на државата. Сејмот одлучува во пракса за приходите и расходите на државата, со што влијае не само на кондицијата на полската економија, туку и на безбедноста на државата и секојдневниот живот на многумина полски граѓани.

    Важна е и контролната функција на парламентот, која се манифестира преку правото за изгласување недоверба на Владата, влијанието врз составот на Советот на Министри или пак формирањето специјални анкетни (истражни) комисии за истражување на конкретни прашања, кои ја потресуваат јавноста.

    Парламентот врши и креативна функција, преку именување на највисоките државни функционери, какви што се: Јавниот Правобранител, претседателот на Државната ревизија (најважна институција за контрола) или пак Гувернерот на Народната Банка, институција, што одлучува за финансиската политика на државата, или пак членовите на Државниот совет за радиофонија и телевизија, институција, што го контролира пазарот на електронските медиуми. Креативната функција на парламентот се манифестира и преку изгласување недоверба кон одредени членови на Владата номинирани од страна на Претседателот на Советот на Министри.

    Совет на Министри

    Советот на Министри, односно полската влада се состои од неколку шефови на министерствата и централните институции. Советот на министри е орган на извршната власт. Законот за деловите од јавната администрација му дава на Премиерот, кој стои на чело на Советот на Министри, големи можности во креирањето на нејзиниот персонален состав.

    Премиерот може да создава, поврзува или ликвидира одредени ресори или да го променува долокругот на нивните компетенции, а исто таки и да праќа предлог-барања до Претседателот на државата за проширување на составот на Советот на Министри со ткн. министри без портфолио, кои се координатори на одредени работи на Советот на Министри - на пример реформи на образовниот или здравствениот систем.

    Во рамките на Советот на Министри можат да бидат номинирани претседавачи со Комитети (кои се одредени во законите), на пример Комитетот за европска интеграција.

    Составот на Советот на Министри го предлага Премиерот, односно доставува соодветно барање до Претседателот на РП, кој формално го именува Советот на Министри и ја прима свечената заклетва за верност на Уставот и другите закони на Република Полска.

    Во моментов Советот на Министри се состои од Премиер и 17 министри. Советот на Министри ја креира актуелната државна политика (програмата на актуелната влада - expose на Премиерот, 10.11.2005 година), го обезбедува извршувањето на законите преку издавање на позаконски акти, наредби и уредби, ја координира и контролира работата на владината администрација, ја обезбедува внатрешната и надворешната безбедност и јавниот ред, ги штити интересите на Државниот Имот и усвојува проект-буџет и го реализира неговото исполнување. Советот на Министри исто така склучува меѓународни договори, кои треба да се ратификуваат, а може и да раскинува други меѓународни договори.

    Членовите на Советот на Министри за дејствувањето на Владата се солидарно одговорни пред Сејмот, но можат исто така и да поднесат индивидуална одговорност за активности кои им се доделени од страна на Премиерот или кои се во доменот на компетенциите на нивните министерства. За нарушување на правото или реализирани престапи во врска со извршувањето на функцијата, секој министер може да одговара пред Државниот Трибунал.

    Претставници на Советот на Министри на територијата на Република Полска се Војводите. Ги има толку колку што има и војводства[4] - 16. Војводите раководат со владината администрација во војводствата. Службениците, кои се одговорни пред војводите, а исто така и службениците кои работат во органите на централната власт и министерствата го создаваат ткн. корпус на државната администрација, односно политички независната администрација, која ги реализира административните задачи. Шеф на државната администрација е Претседателот на Советот на Министри.

    Освен државната администрација во Концеларијата на Претседателот на Советот на Министри и во министерствата има исто така и таканаречени политички кабинети, односно групи на советници, кои работат врз одредени детални заложби на политиката на владата и поедини министерства.

    Судска власт

    Врховен Суд

    Уставен Трибунал

    Државен Трибунал

    Судовите во Полска, на чело со Врховниот Суд и независните Државен Трибунал и Уставниот Трибунал, ја осигуруваат независноста на судската власт.

    Врховен Суд

    Врховниот Суд ги надгледува постапките на:

    • Општите судови - окружните, војводските и апелациските. Тие носат одлуки по прашања од јавното, кривичното, семејното и трудовото право;
    • Воените судови - окружни и гарнизонски. Се занимаваат со прашања поврзани со престапи, извршени од страна на војници во активната служба, цивилните работници во воените единици и воените заложници;
    • Администрациските судови - се судови на посебниот систем, што се занимава со постапки по правни одлуки на органите на државната администрација. Исто така овие судови одлучуваат по прашања помеѓу правни и приватни субјекти и органите на администрацијата.

    Врховниот суд е највисок жалбен орган по одлуки на пониските инстанции. Исто така дава толкување на правните прописи за поедини случаеви.

    Судиите во Врховниот Суд се именувани од Претседателот на Република Полска, по предлози од Државниот судски совет. Претседателот исто така го бира Претседателот на Врховниот Суд помеѓу кандидатите претставени од општото собрание на судиите во Врховиот Суд. Мандатот на Претседателот на Врховниот Суд трае шест години, иако може да биде отповикан од страна на Сејмот, на предлог од Претседателот.

    Уставен Трибунал

    Уставниот Трибунал е орган создаден за разрешување на прашања за согласноста со уставот на акциите на државните институции. Негова главна задача е контрола на согласноста на обврзувачкото право со Уставот на РП. Уставниот Трибунал одлучува по прашања за согласност со Уставот на одредени меѓународни договори и нивни ратификации, во спорови околу компетенцијата на главните уставни органи и цели како и активноста на политичките партии. Го разрешува и прашањето околу тоа дали одредена жалба е основана или не.

    Уставниот Трибунал се состои од 15 судии, бирани на период од 9 години, кои се целосно независни. Органот претставува и формална гаранција за постоењето на правната држава.

    Државен Трибунал

    Тоа е судски орган, што решава по прашања за уставна одговорност на лицата кои справуваат највисоки државни функции. Ги истражува случаевите, што се однесуваат на прекршување на Уставот и правото, како и престапите од страна на Претседателот на РП, членовите на Владата, претседателот на Државната ревизија, Гувернерот на Народната Банка, шефовите на органите на централната администрација и високите државни функционери.

    Држабниот Трибунал има право до отстрани одредени поединци од нивните функции, да забрани постапки за добивање повисоки државни функции, да го одземе правото за гласање и кандидирање на изборите, да ги одземе медалите, наградите и титулите, а во кривичните постапки да одредува казни, што се предвидени со кривичниот закон.

    Составот на Државниот Трибунал е одредуван на првата седница на Парламентот, на почетокот на мандатот. Негов Шеф е Претседателот на Врховниот Суд. Неговите двајца заменици и 16 членови се бираат надвор од составот на Сејмот. Членовите на Државниот Трибунал мора да имаат полско државјанство, не може претходно да биле казнувани, ниту да им биле одземени јавните права, ниту пак да се вработени во јавната администрација.

     



    [1] Dolen zakonodaven Dom

    [2] Goren zakonodaven Dom

    [3] Vo toa vreme Polska be{e vo Unija so Litvanija

    [4] Administrativen okrug pogolem od okolija

    Print Print Share: