close

  • Faithful to my Homeland, the Republic of Poland

     

  • НАДВОРЕШНА ПОЛИТИКА

  • НАДВОРЕШНА ПОЛИТИКА

    Полскиот пат до Европската Унија.

    Промената на општетствениот и економскиот систем во 1989 година беше причина за реоринтирање на приоритетите на полската надворешна политика. Еден од новите елементи беше стремежот за приближување со Европските Заедници, а во подоцнежниот период и стекнување на членство во таа структура.

    Полска воспостави дипломатски односи со Европските Заедници во јули 1988 година. Следната година беше потпишан Договор за трговија и трговска и економска соработка меѓу Полска и Европската Економска Заедница ЕЕЗ (19.09.1989). Наведениот договор претставуваше основа за развој на понатамошните контакти и беше излезна точка за отпочнување во иднина на разговорите во врска со стекнувањето на асоцијативниот статус со Европските Заедници. Оваа намера беше изразена од страна на премиерот Т. Мазовјецки, за време на неговиот настап во Европскиот Парламент во февруари 1990 година. Истовремено во експозето во Сејмот, Министерот за надворешни работи К.Скубишевски констатира дека целта на Полска е стекнувањето во иднина на членство во Европските Заедници.

    Полска достави барање за отпочнување на преговорите во врска со договорот за асоцијација на 19 мај 1990 година, а преговорите започнаа во декември 1990 година. По 11 месеци преговори, се реализира потпишувањето на Европскиот Договор за Асоцијација меѓу Полска и Европските Заедници и нејзините држави членки (16.12.1991). Споменатиот договор го востанови политичкиот дијалог меѓу Полска и ЕЗ (а подоцна и Европската Унија), но исто така воведуваше и постепена либерализација на трговијата со индустриските стоки, се до воспоставувањето на зоната за слободна трговија. Европскиот договор стапи на сила на 1 февруари 1994 година, при што третиот дел од Договорот, што се однесуваше на трговијата и трговските активности, стапи на сила на 1 март 1992 година.

    Сепак, клучно значење за полските стремежи за членство во ЕУ, имаше признанието од страна на Европскиот Совет на Самитот во Копенхаген (21-22 јуни 1993) дека нејзин цел е проширувањето на ЕЗ со државите на Централна и Источна Европа. Европскиот Совет ги формулира политичките и економските критериуми, од чие исполнување зависеше приемот во Европската Унија на споменатите држави. Меѓу споменатите критериуми, меѓу другото, се најдоа стабилноста на политичките институции кои ги гарантираат начелата на демократијата и законитоста, почитувањето на човековите права и основните слободи како и правата на националните малцинства, постоењето на функционална пазарна економија, потенцијалот на државата кандидат да се справи со конкуренцијата и пазарните цели во рамките на ЕУ и да ги преземе обврските на земја членка на ЕУ, како и капацитетот на Унијата да ги прими новите членки.

    Следна важна етапа на полскиот пат за стекнување членство во ЕУ беше претставувањето од страна на Европската Комисија (16 јули 1997 година) на позитивното Мислење за отпочнување преговори на ЕУ со 6 земји кандидати - Полска, Чешката Република, Унгарија, Словенија, Естонија и Кипар. Европскиот Совет во декември 1997 година донесе одлука за отпочнување на преговори со 6 држави кандидати, кои започнаа на 31 март 1998 година. Малку подоцна, ЕУ во 1999 година донесе одлука за отпочнување на пристапни преговори со четири следни држави - Словачка, Литванија, Латвија и Малта.

    Преговорите за членство се состоеа од два дела: screening, односно од преглед на законодавството на државите кандидати негова споредба со правото на Унијата, како и од суштинската фаза на преговорите, поделени во 30 поглавја. Суштинската фаза на преговорите во случајот на Полска започна на 10 ноември 1998 година. Отпочнувањето на преговорите претставуваше сериозен предизвик за целата државна структура на Полска и за целата економија, првенствено од перспектива на нужноста за прилагодување на полското право со правото на ЕУ - acquis communautaire.

    Конечно Полска (заедно со другите држави кандидати) ги заврши пристапните преговори на 13 декември 2002 година за време на средбата на Европскиот Совет во Копенхаген. Логичен резултат од завршувањето на преговорите беше потпишувањето на Договорот за пристапување во Атина, на 16 април 2003 година. По ратификацијата на Пристапниот договор, Полска и 9-те останати држави кандидати станаа членки на ЕУ на 1 мај 2004 година.

    Членство во меѓународните организации:

     

    Организација на Обединетите Нации

    Полска ги поддржува активностите на меѓународната заедница во насока на обезбедување стален мир во Европа и Светот, заштита на основните човекови права и коегзистирање и развој на сите држави. Почитувајќи ја улогата на ООН, како форум за заеднички противдејства против загрозувањата и предизвиците кои стојат пред меѓународната заедница, Полска активно учествува во антитерористичките акции иницирани и реализирани од страна на Организацијата. Полските офицери и војници учествуваат во мировните операции под покровителство на ООН.

    Организација за економска соработка и развој (Organization for Economic Cooperation and Development-OECD).

    Полска беше примена како членка на OECD во ноември 1996 година. Членството во таа организација Полска го смета како признание за достигнувањата во периодот на трансформацијата. Благодарејќи на тоа се приклучивме на групата развиени држави на светот, како демократска и стабилна држава, која ги имплементира начелата на слободата на пазарната економија. Активното учество на Полска во OECD создаде шанса за забрзување на процесите на модернизација и интеграција со европските структури.

     

    Советот на Европа

    Полска беше примена во Советот на Европа, во која во моментов членуваат 41 држави, во ноември 1991 година. Главната цел на Советот на Европа е дејствување во насока на соработка меѓу парламентите и владите, ширење на демократските вредности, владеењето на правото и почитувањето на човековите права. Советот на Европа бара решенија во областа на борбата против нетолеранцијата, заштитата на малцинствата, правата на детето, загрозувањето од дрогите, биоетиката и подобрувањето на пристапот на младите кон образованието. Согласно податоците од генералниот секретаријат на Советот на Европа, Полска досега ратификувала најголем број конвенции, во споредба со државите - примени во Советот на Европа по 1989 година.

    БИЛАТЕРАЛНА СОРАБОТКА

     

    Соработка со државите од Западна Европа и С.А.Д.

    По 1989 година Полска се реши нејзина основа на надворешната политика да биде соработката со државите од евроатлантската зона. Полско-американското стратешко партнерство во главна мерка беше подредено на задачите кои потекнуваа од заедничкото делување на државите во рамките на антитерористичката коалиција, вклучувајќи ја и обновата и враќањето на демократијата во Ирак. Полска се стреми да ја одржува досегашната динамика на односите со своите главни европски партнери: Германија, Франција, Велика Британија и Шпанија.

    Средбата на министрите за надворешни работи: Полска - Кшиштоф Скубишевски, Германија - Ханс Дитрих Геншер и Франција - Роланд Дима во Вајмар, во август 1991 година, претставуваше еден од симболите за враќање на Полска во семејството европски демократски држави. На таа средба беше започната трилатералната соработка на Полска, Германија и Франција, под називот Вајмарски Триаголник, со што се потврдуваше посебната одговорност на овие држави за изградба на новиот ред во Европа. Пред средбата во Вајмар беше потпишан Договор за пријателство и солидарност меѓу Полска и Франција, на 9 април 1991 година, а на 17 јуни истата година полско-германскиот Договор за добрососедство и соработка. Германија и Франција остануваат да бидат главни партнери на Полска во Европската Унија. Велика Британија ги поддржува промените и создавањето на пазарната економија од почетокот на трансформацијата на нашата држава. Една од иницијативите на британската влада беше создавањето во 1989 година на Фондацијата Know-How, во чии рамки се реализираат советувања за државите од Централна и Источна Европа.

    Членството на Полска во ЕУ, кое претставува пројава на нашата коодговорност за иднината на Европа, создава нови рамки за развој на билатералните односи на Полска со сите држави членки на ЕУ но и со трети држави.

    Политички дијалог со Русија

    Полски интерес е реализацијата на стретешката цел на источната политика на Европската Унија, каква што е изградбата на добро соседство со државите од регионот на Заедницата на независни држави (ЗНД). Како држава која непосредно граничи со Русија, преку Калининградскиот Регион, Полска со големо задоволство ги прима сите иницијативи, кои се во насока на развој на сестрана, партнерска и добрососедска соработка, вклучително и соработката во областа на економијата и енергетиката. Новите рамки за нашите односи се создадени преку членството на Полска во ЕУ и учеството во Советот на партнерството меѓу ЕУ и Русија, како и проширувањето, со Полска, на Спогодбата за партнерство и соработка ЕУ - Русија. Полските власти, подеднакво на највисоко ниво, како и на регионално ниво, го сметаат развојот на прекуграничните контакти со источните партнери како ефикасна алатка за меѓусебно запознавање и совладување на стереотипите. Пример на заедничкото дејствување во врска со Калининградскиот Регион и неговата близина со државите на ЕУ е и предлогот за трилатерален договор со Русија и Литванија околу програмата за обука на јавната администрација, граничните и царинските служби и претпријатијата. Програмата првенствено го зема во предвид развојот на малите и средните претпријатија во Калининградскиот Регион.

    Активности во насока на зацврстување на прозападното определување на Украина

    Полска ја декларира својата децидна поддршка за Украина и нејзините амбиции за приближување со државите и институциите од евроатлантската зона. Еден од доказите за добри односи меѓу двете држави претставува функционирањето на Консултативниот Комитет на претседателите на Република Полска и Украина, создаден во 1993 година. Во рамките на неговите активности дискутирани се, меѓу другото, и прашања околу соработката на меѓународните организации, институциите на локалната самоуправа, НВО, проблемите на економската соработка (меѓу другото во балтичко-црноморската област), трансграничната, воената и културната соработка. Развојот на полско-украинското партнерство одигрува специјална улога во полската источна политика.

    СОРАБОТКА ВО РЕГИОНОТ

    Зацврстување на позицијата на Полска во регионот

    Полска придава големо значење на развојот на соработката со партнерите од Централна Европа. Тоа помага во задржувањето на регионалниот идентитет на ЕУ која се проширува. Моментално, во врска со проширувањето на ЕУ и НАТО, се понеопходно станува новото дефинирање на регионалната соработка.

     

    Вишеградска група

    По паѓањето на комунистичкиот систем заедничките искуства од минатото и свеста за новите политички, општествени и економски искушенија, се причинија трите држави од Регионот - Полска, Унгарија и Чехословачка да решат да ја зајакнат меѓусебната соработка и контактите. Во декларацијата потпишана во унгарскот град Вишеград во февруари 1991 година, шефовите на државите се обврзаа да се вклучат во европскиот политичко-економски систем и да ја зајакнат регионалната економска и културна соработка. Создадената на тој начин Вишеградска Група, која по распаѓањето на Чехословачка, се состои од Полска, Унгарија, Чешката Република и Словачка, претставуваше важен елемент на регионалната соработката, со што се зајакна позицијата на четирите партнери во процесот на европската интеграција. Во 2000 година државите од Групата создадоа и прва заедничка организација - Меѓународен Вишеградски Фонд, кој ги поддржува активностите во областа на културата, образованието и размената на младите. Четирите држави по пристапувањето во ЕУ во мај 2004 година решија да ја продолжат соработката во рамките на ВГ. Полска ги координираше активностите на Групата во периодот 2000-2001, и во 2004-2005.

    Доказ за регионален пристап на проблемите за либерализација на заемната трговија беше создавањето во 1992 година, по иницијатива на Вишеградската Група, на Централноевропскиот Договор за Слободна Трговија (ЦЕФТА). Освен членките на Вишеградската Група, во ЦЕФТА учествуваа и Бугарија, Словенија, Романија и Хрватска.

    Централноевропската Иницијатива (ЦЕИ)

    Претставува поле за соработка на државите од Централна и Источна Европа, иницирана во 1989 година. Полска учествува во нејзините активности од 1991 година. Покрај различната ситуација на државите членки, ЦЕИ продолжува да биде платформа на политичкиот дијалог по регионални прашања и форум на заедничко дејствување на централноевропските држави во интеграцијата на континентот. Еден од ефектите на организираниот во циклуси Економски Форум на ЦЕИ, беше создавањето, по иницијатива на Полска, на работната група за регионална и трансгранична соработка. Полска претседаваше со ЦЕИ во 1995 и 2003 година.

    Совет на државите кои имаат излез на Балтичкото Море - mare nostrum

    Следен регионален форум на соработка е Советот на држави кои имаат излез на Балтичкото Море, структура создадена во 1992 година, која ги опфаќа државите, кои имаат излез на Балтикот. Во нејзин состав, освен Полска, се и Данска, Естонија, Финска, Германија, Исланд, Латвија, Литванија, Норвешка, Русија и Шведска. Ве нејзините активности од почеток учествуваат претставници на Европската Комисија. Организацијата се занимава со координација на активностите во областа на заштитата на природната животна средина на Балтикот, развојот на енергетската и транспортната инфраструктура, зајакнувањето на врските помеѓу балтичките држави од една страна и Европската Унија од друга страна (исто и во рамките на реализацијата на Северната димензија на ЕУ). Полска претседаваше со СДБМ во периодот 1994-1995, а во мај 2004 година по втор пат го презема претседавањето со оваа групација.

    Еврорегиони - поле за трансгранична соработка

    Полска ја третира меѓународната трансгранична соработка како важен елемент на интеграциските процеси во Европа, вреднувајќи го нејзиното влијание на економскиот, општествениот и развојот во областа на културата на регионите. Придаваме големо значење на развојот на пријателските и партнерски односи со своите соседи. По прифаќањето на документите, кои претставуваат фундамент на трансграничната соработка - Европската Рамковна Конвенција за трансгранична соработка, Европската Карта на територијалната самоуправа и Европската карта на граничните и трансграничните региони - Полска од почетокот на 90-тите години активно соучествуваше во процесот на создавање на еврорегионите, чија цел е развој на економската соработката, доизградба на инфраструктурата, заштитата на животната средина, туризмот и активноста во областа на културата и образованието. Полските градови и општини, кои се наоѓаат на границите, се групирани во петнаесет еврорегиони. На западната граница функционираат четири еврорегиони: Nysa, Nysa-Sprewa-Bobr, Pro Europa Viadrina, Pomerania, кои покрај полски и германски општини во својот состав имаат и шведски општини. На јужната граница еврорегиони се: Glacensis, Pradziad, Slask Cieszynski, Silesia, Dobrawa (поле на полско-чешка соработка), додека еврорегионот Beskidy претставува полско-словачка соработка. Во рамките на еврорегионот Татри (Tatry) Полска соработува со Словачка. Во пограничната зона меѓу Полска, Русија, Литванија и Белорусија создаден е еврорегионот Niemien, а на границата помеѓу Полска и Украина еврорегионот Bug. Исклучителни во европски размери се еврорегионот Балтик (Baltyk), кој освен региони во Полска опфаќа региони во уште пет држави кои имаат излез на Балтичкото Море: Данска, Шведска, Литванија, Латвија и Калинингардскиот Регион, како дел од Руската Федерација; и Еврорегионот Карпати (Karpaty), кој опфаќа региони, што се наоѓаат во Полска, Унгарија, Шведска, Словачка и Романија.

    Стратешки цели на полската безбедносна политика

    Најважна цел на полската политика во областа на безбедноста е заштитата на демократското функционирање, назависноста и суверенитетот на државата, нејзиниот територијален интегритет, ненарушивоста на границите и почитувањето на правата и граѓанските слободи. Базирајќи ја својата политика на правилата за партнерска соработка, Полска се стреми да дава прилог во изградбата на траен, праведен мир во Европа и Светот, чиј фундамент се демократските вредности, човековите права, владеењето на правото и солидарноста. Полска својата безбедносна политика ја реализира како држава членка на Северноатлантската алијанса и Европската Унија - преку учество во политичкиот дијалог што се води во рамките на Заедничката Надворешна и Безбедносна Политика на ЕУ (ЗНБП) и реализацијата на Европската Безбедносна и Одбранбена Политика (ЕБОП).

    Членство и соработка во меѓународните организации: НАТО, ЕУ, ОБСЕ како и во рамките на Партнерството за Мир и ЕАПС

    Во рамките на политиката на Полска во областа на безбедноста, таа ги исполнува обврските, што произлегуваат од членството во: Организацијата на Северноатлантскиот Договор (НАТО), Европската Унија (ЕУ) и Организацијата за Безбедност и Соработка во Европа (ОБСЕ). Полска исто така активно учествува во меѓународната соработка во рамките на Партнерството за Мир (ПзМ) и Советот на Евроатлантското Партнерство (ЕАПС).

    Организација на Северноатлантскиот Договор (North Atlantic Treaty Organization - NATO)

    Членството во НАТО и загарантира безбедност на Полска по промената на силите во Централна и Источна Европа. Проширувањето на НАТО на Исток значеше и промена на геополитичката позиција на Полска. Приемот во Северноатлантскиот Сојуз на 12 март 1999 година претставува едно од најважните настани во модерната историја на Полска. Полска стана дел од сојужничкиот одбранбен систем, што не само што обезбедува безбедни услови за стабилен развој, но исто така и презема одговорност за мир и стабилност во светот. Во интерес на полската држава е Северноатлантскиот Сојуз да остане и натаму систем на заедничка одбрана, базиран на трајно присуство на С.А.Д. во Европа и тесна соработка на неговите членки, што претставува гаранција за негово оперативно и ефикасно дејствување.

    Полска се вклучи во дебатата посветена на иднината на Северноатлантскиот Сојуз и односите меѓу НАТО и ЕУ. Со овие проблеми се зафати Варшавската Група за Рефлексија, која се сретна во Варшава, на покана на Шефот на нашата дипломатија (5-6 април 2004 година). Таа ги вклучува истакнатите аналитичари и истражувачи на проблематиката на меѓународната безбедност, меѓу другите од Полска, Франција, Германија и С.А.Д.. Извештајот  и соодветните препораки на Варшавската Група за Рефлексија му беа предадени на Генералниот Секретар на НАТО и на претставниците на сите држави членки на Северноатлантскиот Сојуз пред Самитот на Шефовите на држави и влади на НАТО во Истанбул.

     

    Европска Унија (ЕУ)

    Полска, уште порано како асоцијативен партнер (од 1994 година) и асоцијативен член (од 1999 година) на Западноевропската унија, а од 2004 година, како полноправна членка на ЕУ, учествува во развојот на безбедносната политика на заедницата на европските држави. Се определува за зајакнување на капацитетот на Унијата за самостојно регирање во кризите или преку соучество со НАТО. Полска се залага да даде придонес во создавањето на Европската Агенција за Одбранбени Капацитети и Истражувања.

    Организација за Безбедност и Соработка во Европа (ОБСЕ) - (Organisation for Security and Cooperation in Europe - OSCE)

    Полска беше еден од иницијаторите за одржување на општоевропската конференција за ослабување на политичко-воената ривализација меѓу државите од Варшавскиот пакт и НАТО. Како резултат на овој политички дијалог помеѓу Истокот и Западот беше создавањето во 1975 година на Конференцијата за Безбедност и Соработка во Европа (од 1995 година Организација за Безбедност и Соработка во Европа). Потпишувањето во август 1975 година во Хелсинки на Финалниот Акт на КЕБС ги определи рамките на мирољубивата соработка од Ванкувер до Владивосток. Во 1998 година Полска претседаваше со Организацијата. Меѓу најважните достигнувања на полското претседателство се смета анажманот на Организацијата во решавањето на конфликтот во Косово, преку создавањето на верификациска мисија на ОБСЕ (нејзината цел беше навремено предупредување и спречување на конфликтите). Полска активно учествува во дебатата за реформа на ОБСЕ, која трае веќе неколку години, чија цел е зајакнувањето на ефикасноста на Организацијата. Посебно внимание Полска посветува на решенијата во врска со предизвиците и загрозувањата за безбедноста во персонални димензии („human security") и борбата против тероризмот.

     

    Партнерство за мир

    Пресуден момент во соработката на Полска со Северноатлантската Алијанса беше иницирањето за време на Самитот на НАТО во Брисел (јануари 1994 година) на програмата Партнерство за мир. Учеството на Полска во оваа програма претставуваше преодна етапа во процесот на стекнување полноправно членство во НАТО. Актуелно, по добивањето на членство во НАТО, Полска сеуште учествува во програмата, развивајќи партнерска соработка во областа на одбраната со државите кандидати и поддржувајќи ги нивните евроатлантски аспирации. Посебно внимание посветуваме на соработката со Русија (во рамките на Советот НАТО-Русија) како и со Украина (Комисија НАТО-Украина).

     

    Совет за Евроатлантско партнерство (Euro-Atlantic Partnership Council-EACP)

    Советот за Евроатлантското партнерство (ЕАПС) ги континуира достугнувањата на Северноатлантскиот Совет за соработка (NACC), кој дејствуваше во периодот 1991-1997.

    NACC, кој беше заменет од ЕАПС и даде можност на Полска за преземање со НАТО и другите држави партнери на сестран дијалог и консултации по прашања за меѓународната безбедност. Учеството на државите во Советот дава можност за размена на искуства во областа на реформата на воените сили, реагирањето во кризите, а исто така и создавањето на цивилно-воените односи, кои одговараат на демократските матрици.

    Хуманитарна и помош за развој

    Соработката, чија суштина е развојот, стана интегрален елемент на полската надворешна политика - за што сведочат и активностите преземани од страна на МНР кон државите во развој и државите кои се наоѓаат во фазата на трансформација. Полска наменува финансиски средства за развој и хуманитарна помош во споменатите држави, во размер, што одговара на нејзините актуелни потенцијали како и врз основа на степенот на ангажираност во меѓународните организации, што пружаат помош, посебно на тие, што се во системот на ООН. Вкупно во периодот 1998-2002 година, Полска на државите во развој и државите кои се во фаза на трансформација, им додели помош во висина од 179,17 милиони УСД (на билатерален план и преку меѓународните организации). Во октомври 2003 година полската Влада ја прифати општата „Полска стратегија за соработка за развој", која што ги определува рамките на полската хуманитарна и помош за развој како и начините за креирање на полската политика во оваа област.

    Полска по 11 септември 2001 година

    Терористичките напади, извршени на 11 септември 2001 година во Вашингтон и Њујорк го нарушија досегашниот модел на меѓународната безбедност. Придонесоа меѓународната заедница да го дефинира тероризмот како едно од најсериозните закани за светската безбедност и поедините држави и општества.

    Одговорајќи на сојужничките обврски во областа на заедничката одбрана на НАТО, Полска ги поддржа силите на антитерористичката коалиција во Авганистан и во регинот на Персискиот Залив (операција Траен Мир). Таму службата ја извршуваат минери, логистичка единица, морнари и војници од специјалните единици. Нивните достигнувања се високо оценети од нашите сојузници. По иницијатива на претседателот на РП, Александер Квашњевски, во ноември 2001 година, во Варшава, се одржа меѓународна конференција по прашања за борба против тероризмот. Целта на конференцијата беше, меѓу другото, изнаоѓање форми на регионална соработка за помош на активностите на меѓународната заедница во борбата против тероризмот. На Конференцијата учествуваа претседателите на државите од Централна, Источна и Југоисточна Европа.

    Учество на Полска во стабилизацијата и обновата на Ирак

    Полска постојано ги поддржуваше резолуциите на ООН во врска со Ирак кои се однесуваа на ирачките програми за вооружување и режимите за контрола и инспекција, повеќекратно предупредувајќи го Ирак за сериозните последици доколку не се исполнат обврските наложени од ООН.

    Започнатите на 20 март 2003 година воени активности на коалицијата на чело со С.А.Д. против Ирак, беа активно поддржани од полска страна. Во борбите во Ирак учествуваа околу 200 полски војници.

    Одговарајќи на барањето, содржано во резолуцијата на Советот за Безбедност на ООН број 1483, за пружање помош на ирачкиот народ во неговите активности за стабилизација и обнова на државата, Полска реши да испрати таму сили за стабилизација и да го презеде предводењето на Повеќенационалната Дивизија. На 3 септември 2003 година Полска ја презеде одговорноста за јужно-централната зона, која се состоеше од 5 провинции (Qadisija, Nadzaf, Wasit, Karbala, Babilon). По повлекувањето од Ирак, во мај 2004 година, на единиците од Шпанија, Хондурас и Доминикана, меѓународната дивизија се состои од околу 6,2 илјади војници од 17 држави, а од зоната на нејзината одговорност излегоа Nadzaf, Qadisija. Полските сили дејствуваат врз основа на резолуцијата на Советот за Безбедност на ООН 1511, од 16 октомври 2003 година.

    Print Print Share: