close

  • Faithful to my Homeland, the Republic of Poland

     

  • БИЛАТЕРАЛНА СОРАБОТКА

  •  
     
    ОСНОВНИ ИНФОРМАЦИИ ЗА ПОЛСКА

     

     

    Полска се наоѓа во срцето на Европа, во местото каде што од одамна се вкрстуваат комуникациските патишта, што го поврзуваат северот со југот и истокот со западот на Европа.

    Полската географска местоположба е меѓу 49°00’ и 54°50’ северна географска ширина и меѓу 14°07’ и 24°08’ источна географска должина. Растојанието од север до југ изнесува 649 километри, а од исток до запад 689 километри.

    Полска со површина од 312.685 квадратни километри се вбројува во групата средни по големина држави, односно по големина таа го зазема 9-то место во Европа и 63-то место во светот. Зафаќа 3% од површината на Европа.

    Должината на државната граница на Република Полска (РП) изнесува вкупно 3029 километри, од кои 2501 километри копнена. На копното, на север, РП граничи со Руската Федерација (Калининградскиот Регион) - 216 километри; на исток со Литванија - 99 километри, Белорусија - 420 километри и Украина - 509 километри, голем дел од источната граница е обележана согласно течението на реката Буг; на југ со Словачка - 540 километри и со Чешката Република - 720 километри, јужната граница е маркирана согласно планинскиот масив Татри; на запад РП граничи со Сојузна Република Германија - 467 километри, западната граница е маркирана по течението на реките Одра (Odra) и Ниса Лужицка (Nysa Luzycka). 528 километри од државната граница на север е морска граница. На полскиот брег се наоѓаат повеќе морски пристаништа, меѓу кои најважни и со меѓународно значење се: Гдиња, Гдањск и Шчечин. Територијалните води (на морето), што и припаѓаат на РП се со површина од 8700 квадратни километри, а површината на внатрешните територијални води (Шчечинскиот Залив и Заливот на Висла) изнесува 1200 квадратни километри.

    Највисок врв: Риси (Rysy) на Татрите 2499 надморска височина

    Најголема депресија: Жулави (Zulawy) - депресија на делтата на Висла - 1,8 метри под нивото на морето

    Најдолга река: Најдолга полска река е Висла (Wisla) 1047 километри, чие течение се наоѓа во средината на државата.

    Најголемо езеро: Шњадрви (Sniadrwy) - (Мазурски езерски крај), со површина од 11383 хектари

    Најдлабоко езеро: Хањча (Hancza) 108 метри

    Во Полска живеат 38.660.000 жители. Од аспект на бројот на население, Полска го зазема 7-то место во Европа и 25-то место на светот. Просечната густина на населението изнесува 123 лица на квадратен километар. Околу 97% од населението се Полјаци, националните малцинства и етничките групи претставуваат околу 3% од вкупниот број на граѓаните - тоа се Германците, Белорусините, Украинците, Литванците, Ромите и Кашубите.

    Член 27 од Уставот на Република Полска гласи:

     

    Во Република Полска службен јазик е полскиот јазик. Овој пропис не ги нарушува правата на националните малцинства, што произлегуваат од ратификуваните меѓународните договори.

     

    Член 35 од Уставот на Република Полска гласи:

    1. Република Полска им обезбедува на полските државјани, кои се припадници на националните и етничките малцинства слободи на однесување и развој на сопствениот јазик, зачувување на обичаите и традицијата како и развој на сопствената култура.

    2. Националните и етничките малцинства имаат право да создаваат сопствени образовни, културни и институции, што служат за заштита на религискиот идентитет и учество во разрешувањето на прашањата, што се однесуваат на нивниот културен идентитет.

    Статусот и правата на националните малцинства и етничките групи се регулирани со Законот за национални малцинства и етнички групи.

    Надвор од границите на РП живеат околу 15 милиони полски државјани и лица со полско потекло. Тоа е полската дијаспора и Полјаците кои живеат на терените, што некогаш се наоѓале во состав на полската држава. Најголема концентрација има во Соединетите Американски Држави со околу 10 милиони, а другите поголеми концентрации се во Бразил, Франција, Канада, Германија, Белорусија, Литванија, Украина, Русија, Касахстан, Чешката Република и Словачка.

    Член 29 од Уставот на Република Полска гласи:

    Главен град на Република Полска е Варшава.

    Во Варшава живеат 1.655.100 жители. Други поголеми градови се Лоѓ - 851 700 жители, Краков - 784 000 жители, Вроцлав - 642 300 жители, Познањ - 588 700 жители, Гдањск 464 600 жители, Шчечин - 415 000 жители, Бидгошч - 384 000 жители, Катовице - 366 000 жители и Лублин - 352 000 жители. Мнозинството луѓе живеат во градовите (62%).

    - Групи на вероисповед:

    Во Полска во моментов функционираат 138 официјално регистрирани Цркви и групи на вероисповед. Најмногу верници собира Католичката Црква, на која и припаѓаат околу 95% од верниците во општеството. Во рамките на четирите обреди, византиско-украинскиот, неоунитскиот, ерменскиот и латинскиот, најмногуброен е последниот, кој во 1998 година собираше повеќе од 35 милиони верници (9990 парохии и околу 28 илјади духовни лица). Освен Католичката Црква во Полска активни и се и неколку други поголеми христијански цркви и неколку десетици помали Цркви и религиски групи.

    Дополнително во Полска активни се неколку други религиски групи, меѓу другото тоа се Муслиманскиот религиски сојуз (ислам), Сојузот на општини со еврејска религија (Вероисповедта на Мојсие), Караимскиот религиски сојуз (религија создадена од поврзувањето на јудаизмот и исламот, чии верници се претставниците на турското етничко малцинство) како и доста големата група организации, кои се надоврзуваат на источните религии, на пример Меѓународното здружение за свеста на Кришна и Друштвото на Буда.

     

    Член 25 од Уставот на Република Полска гласи:

     

    1. Црквите и останатите групи на вероисповед се рамноправни.

    2. Јавните власти во Република Полска ја задржуваат непристраноста во врска со религиските определби, светопогледот и филозофските определби, осигурувајќи ја слободата на нивното изразување во јавниот живот.

    3. Односите меѓу Државата и Црквите и останатите групи на вероисповед се креирани врз база на правилата за почитување на нивната автономија и взаемната независност, секој во својата област, како и заедничкото дејствувања за доброто на човекот и заедничкото добро.

    4. Односите на Република Полска и Католичката Црква се одредени со меѓународен договор со Светата Столица и со законите.

    5. Односите меѓу Република Полска и останатите Цркви и групи на вероисповед се одредени со законите усвоени од страна на Советот на министри, врз база на договорите потпишани со нивните претставници.

    Симболи на Република Полска:

     

    Член 29 од Уставот на Република Полска гласи:

     

    1. Грб на Република Полска е лик на белиот орел со круна на црвено тло.

    2. Боите на знамето на Република Полска се бела и црвена.

    3. Химната на Република Полска е Мазурек Домбровски (Mazurek Dabrowski).

    4. Грбот, знамето и химната на Република Полска се правно заштитени.

    5. Деталите во врска со грбот, знамето и химната се определени со Закон.

    Print Print Share: